A+ / A-

ОБСГ КЛУБ НА ТАЛЕНТИ


Клубот на таленти на ОБСГ произлегува од годишната програма за општествена одговорност на Охридска банка Сосиете Женерал. Станува збор за платформа што е наменета за сите млади таленти и потенцијали во различни области.

Како концепт, Клубот на таленти на ОБСГ ќе функционира врз база на конкурси што ќе се објавуваат во текот на годината на одредена тема. Ќе можат да се пријавуваат сите заинтересирани што ќе ги исполнуваат условите, а Банката, како основач на Клубот, заедно со однапред дефинирано стручно жири, во секоја област ќе избира финалисти и победник кој ќе биде финансиски награден и поддржан од страна на Банката.

Водејќи се од основните принципи на работењето ‒ тимски дух, иновација, посветеност и одговорност ‒ како општествено одговорна компанија, Охридска банка Сосиете Женерал на годишно ниво издвојува значаен износ финансиски средства што ги насочува во различни области, како култура, спорт, образование итн., секогаш изнаоѓајќи таленти и потенцијали на коишто им е потребна поддршка за развој на нивниот талент, доедукација и усовршување во нивната насока, а сè со цел да помогне во развојот на сите млади што покажуваат потенцијал во одредена насока.


„ИМАШ ЛИ ЖИЧКА ЗА МУЗИКА?“

Ако имаш жичка за музика, умееш да свириш, знаеш да фатиш ритам, те сака сцената, те препознаваат, освојуваш награди… не двоуми се! Пријави се на Конкурсот на Охридска банка Сосиете Женерал за млади инструменталисти и стани првиот член на Клубот на таленти на ОБСГ и првиот стипендист на Банката.

Право на учество имаат млади инструменталисти на возраст од 14 до18 години, односно родени во периодот 2000 ‒ 2004 година.
Инструменти што се земаат во предвид на Конкурсот:

  • Клавир
  • Хармоника
  • Виолина
  • Виолончело
  • Виола
  • Гитара
  • Контрабас
  • Хорна
  • Харфа
  • Обоа
  • Кларинет
  • Флејта
  • Труба
  • Фагот
  • Саксофон
  • Тромбон

Аплицирањето се врши електронски, директно на веб-страницата www.obsgklubnatalenti.mk, во делот „Аплицирање“, преку пополнување на формуларот за аплицирање.

Стипендијата, определена за овој јавен конкурс, е во вкупен износ од 2400 евра, пресметани во денарска противвредност, според средниот курс на НБРМ на денот на исплатата на средствата. Овој фонд е определен и ќе се исплаќа на месечно ниво, во текот на една година.

По завршувањето на Конкурсот, Банката заедно со стручното жири составено од: универзитетски професор - пијанист, универзитетски професор - дувач, стручен член - виолинист, ќе направи избор на 7 – 12 финалисти и ќе ги објави на веб-страницата, најдоцна до 10 Октомври 2018 година. По објавувањето на финалистите, тие ќе треба да испратат информација за тоа која композиција или пиеса ќе ја изведуваат на финалната вечер, а таа треба да биде со времетраење од 5 до 15 минути. На 24 октомври 2018 година, во 19.00 часот, во малата сала на Македонската филхармонија ќе се одржи концерт на кој избраните финалисти ќе настапат пред стручното жири. По завршувањето на финалната вечер, жири-комисијата ќе го избере победникот на првиот конкурс „Имаш ли жичка за музика?“, првиот член на Клубот на таленти на ОБСГ и истовремено првиот стипендист на Охридска банка Сосиете Женерал.


принт

Oпштествена одговорност

Преку спонзорства и донации Охридска банка демонстрира општествена одговорност...